Вартбург

Замок Вартбург
светско наследство на УНЕСКО
Вартбург во Ајзенах
Критериумкултурно: iii, vi
Навод897
Запис1999 (23. заседание)
Студентскиот марш до Вартбург во 1817
Собата Лутер во замокот Вартбург
Јужната кула
Главната порта гледано одвнатре
Поглед на Вартбург

Вартбург (германски: Wartburg) — замок сместен на рид со поглед на градот Ајзенах во сојузната покраина Тирингија, Германија. Во 1999 г. УНЕСКО го додал замокот Вартбург на списокот на светско наследство како „исклучителен споменик од феудалниот период во Средна Европа“.[1]

Историја

Изградбата на замокот започнала околу 1068 од грофот на Тирингија, Лудвиг Скокачот, поврзан со грофовите Ринек од Франконија. Заедно со неговиот поголем сестрински замок Нојенберг во денешниот град Фрајбург, Вартбург ги обезбедувал крајните граници на тогашните територии.[2]

Според традицијата, замокот го добил своето име кога неговиот основач првпат го погледнал ридот на кој постои замокот; воодушевен од местото се претпоставува дека рекол: „Чекај, планина - ти треба да изградиш замок за мене“ (Warte, Berg - du sollst mir eine Burg tragen!).[3] Тоа е игра на зборови во германскиот јазик за планина (Berg) и тврдина (Burg). Исто така се вели дека Лудвиг Скокачот морал да ја носи глината од неговите земји до врвот на ридот, кој тогаш сè уште не бил негов посед. Името, веројатно потекнува од германскиот збор Warte, еден вид на набљудувалница.

Замокот бил првпат споменат во текот на Борбата за инвеститура во декрет од 1080, кога приврзаниците на Лудвиг ги нападнале војниците на императорот Хајнрих IV. Грофот останал жесток соперник на салијските владетели и до исчезнувањето на династијата, неговиот син Лудвиг I стигнал до титулата ландгроф на Тирингија од новиот германски крал Лотар III во 1131.

Вартбург останал седиште на ландгрофовите од Тирингија до 1440 и како место на дворската култура станал околу 1207 година, кога започнал да се организира натпреварот за трубадури Sängerkrieg[4] на кога настапиле Валтер вон дер Фогелвајде,[5] Волфрам фон Ешенбах,[6] Албрехт фон Халберштат и многу други. Натпреварот подоцна бил спомнат во операта на Рихард Вагнер, Танхојзер.

На возраст од четири години, Св. Елизабета Унгарска била пратена од нејзината мајка во Вартбург за да стане жена на Лудвиг IV. Од 1211 до 1228 живеела тука и била позната по нејзината добротворна работа. Три години подоцна се преселила во Марбург по смртта на нејзиниот маж. Умрела на возраст од 24 години и била канонизирана како светица на Римокатоличката црква.[7]

Од мај 1521 до март 1522, Мартин Лутер престојувал во замокот откако бил земен под заштита на Фридрих Мудриот по неговото исклучување од папата Лав X и судењето на собирот во Вормс. Во текот на овој период, под името Јункер Јерг го превел Новиот завет на германски јазик. Преводот на Лутер не бил првиот обид за превод на Библијата, но набрзо станал најпознат и нашироко препознаван.

Од 1540 до неговата смрт во 1548, Фриц Ербе, анабаптист и земјоделец од Херда, бил држен како заложник во зандана во јужната кула, поради одбивањето да се одрече од неговата вера. По неговата смрт бил закопан во Вартбург близу капелата на Св. Елизабета.[8] Во 1925 бил пронајден потписот на Фриц Ербе на ѕид во занданата.

На 18 октомври 1817 се случил првиот Вартбуршки фестивал. Околу 450 студенти, членови на новосоздаденото германско братство (Burschenschaft), дошле заедно во замокот да ја прослават германската победа над Наполеон пред четири години, да го осудат конзервативизмот и да повикаат за обединување. Говорници на настанот биле Хајнрих Херман Риман, ветеран од војната, студентот Лудвиг Редигер и Ханс Фердинанд Масман.

Со дозвола на отсутниот клисар Фридрих Лудвиг Јан, Наполеонскиот кодекс и други книги биле запалени. Помеѓу останатите книги се нашла и Историјата на германските царства од Август фон Коцебу. Карл Лудвиг Занд кој го убил Коцебу две години подоцна, бил помеѓу присутните.

Овој настан и сличните околу Вартбург во текот на Револуциите од 1848 се сметаат за значајни моменти во движењето за обединување на Германија.

Градби

Замокот бил обновуван многупати, а биле и додавани делови. Од 1952 до 1966, владата на Источна Германија го обновила замокот и се обидела да го врати неговиот лик од 16 век, што ја вклучувало и собата на Мартин Лутер со нејзиниот првичен под и ѕидови.

Романскиот голем дворец (Landgrafenhaus) — најстарата и архитектонски најимпресивната градба. Покрај капелата, во нејзе се наоѓа и „Sängersaal“ (салата на трубадурите), што претставува дел од сцената II на операта на Вагнер, Танхојзер, и фестивалска сала („Festsaal“), обете со прекрасни фрески од Мориц фон Швинд со теми од натпреварот на трубадурите и победите на христијанството. Дел од палатата се смета и првичниот дворец, кој постоел помеѓу 1157 и 1179.

Портата на замокот зад подвижниот мост е единствениот пристап до замокот и останала зачувана низ вековите.

Куќата на витезите на западната страна од подвижниот мост е во фахверк стил и потекнува од 15 век. Веројатно служела како место на слугите и стражарите.

Постојат две кули, Јужната кула (единствената зачувана кула од средновековниот замок, изграден во 1318 и во која се наоѓаат зандани) и висока кула (завршена во 1859, делумно изградена на претходна средновековна кула и која има четириметарски латински крст на нејзиниот врв.

Други градби се Vogtei, во која се наоѓа собата на Мартин Лутер и во која биле поставени ориел прозорци во 1872; два покриени ходника, кои се дел од прстенот за одбрана од 15 век.

Оружарницата (Rüstkammer) на Вартбург содржи голема збирка од околу 800 парчиња оружје од кралот Анри II, Фридрих Мудриот, папата Јулиј II и Бернхард фон Вајмар. Сите овие предмети биле одземени од советската армија во 1946, а подоцна и изчезнале. Меѓутоа, два шлема, два меча, два оклопа за принц и момче, биле пронајдени со текот на времето и биле вратени од СССР во 1960-тите. Новата руска влада ветила дека ќе помогне во пронаоѓањето на исчезнатото богатство.

Наследство

Со векови, Вартбург бил место за поклонение на многу луѓе од и надвор од Германија, поради неговото значење во германската историја и во развојот на христијанството. Неколку места (особено американски градови основани од Лутеранци) и локалната марка автомобили го добиле името Вартбург. Колеџот Вартбург во Ајова, САД, е именуван во спомен на пружената заштита на Мартин Лутер во замокот и поради положбата во шума на колеџот и неговата поврзаност со Тирингија.[9]

Наводи

  1. http://whc.unesco.org/pg.cfm?cid=31&id_site=897 Соопштение на УНЕСКО
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-03-08. Посетено на 2013-03-16.
  3. Објавено според Hilmar Schwartz, in Die Ludowinger. Aufstieg und Fall des ersten thüringischen Landgrafengeschlechts ( Wartburg-Stiftung: Eisenach) 1993. Архивирано на 17 март 2007 г.
  4. http://www.wartburg-eisenach.de/english/geschich/framedef.htm Архивирано на 9 јануари 2016 г. 5 март 2008, Sängerkrieg
  5. http://www.phil.uni-passau.de/histhw/stadtgeschichte/english/Vogelweide.html Архивирано на 11 јуни 2007 г. 5 март 2008 Wartburg
  6. http://www.nndb.com/people/269/000103957/ 5 март 2008, Wartburg-Krieg
  7. http://www.stelizabethaiea.org/stelizabeth.htm Архивирано на 29 декември 2007 г. 5 март 2008, St Elisabeth on the Wartburg
  8. http://www.gameo.org/encyclopedia/contents/erbe_fritz_d._1548 29 март 2012, Global Anabaptist Mennonite Encyclopedia Online: Erbe, Fritz
  9. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-04-10. Посетено на 2013-03-16.

Надворешни врски


50°57′58″N 10°18′23″E / 50.9662° СГШ; 10.3065° ИГД / 50.9662; 10.3065