Планината е сместена во средишниот дел Костурско, над југозападниот брег на Костурското Езеро и градот Костур. Се протега во правец северозапад-југоисток, и на југоисточното подножје се наоѓа селото Дупјак. Преку седлото Рупата во нејзиниот северен дел се граничи со Црна Планина.[1] Во планината се наоѓа пештерата Духло, како и рушевините на црквата „Св. Архангели Михаил и Гаврил“.
На северозапад од полето се издигаат од запад кон исток два издолжени и карпести рида — Црна Планина и Диминик. Една тесна падина ги двои еден од друг. Меѓу коритата на р. Бистрица и Костурското Езеро, од каде ридовите личат на мали планини, под врвот Бигла планината се спушта кон југоисток во ниско седло, кое постепено се издига и оди по билото на ридот Црна Планина, во неговата најниска точка. Под него полето се издига и образува нешто како залив, по чиј североисточен брег патот Рупишта - Костур прави завој и излегува на билото до истата точка. Ридовите се спуштаат кон сите страни стрмно, поради што се тешко проодни. Едниот е составен од лесно трошливи црни карпи со груба и нерамна надворешност, а другиот од варовнички, со пријатен изглед, небаре природните сили грижливо и рамномерно дејствувале и дејствуваат за да не му ја набрчкаат и нагрдат површината. Одвоени, нели се тоа врвови на некогашен втонат терен?[1]