Кожа

Кожа
епидермис (A), дермис (B) и хиподермис (C)
Назнаки
TAA16.0.00.002

Кожа — меката надворешна обвивка на животните, особено ‘рбетниците.[1] Други животински обвивки како тие на школките и обвивката на егзоскелетот на членконогите се обвивки од различно потекло, хемиски состав и структура. Кај цицачите, кожата е составена од неколку слоеви на ектодермално ткиво и претставува заштитен орган кој ги штити внатрешните органи, коските и мускулите.[2] Влекачите, водоземците и птиците имаат поразлична кожа од таа на цицачите.[3]

Цицачите, дури и морските цицачи имаат слој од влакна на нивната кожа, кој е дополнителна заштита од патогени организми и ултравиолетово зрачење. Збирот од повеќе влакна се нарекува крзно, обвивка присутна кај повеќето нечовечки цицачи. Крзното покрај дополнителна заштита може да претставува и секундарен полов белег или камуфлажа. Рибите и влекачите имаат заштитни лушпи на кожата како додатна заштита, водоземците имаат значително послаба кожа што ги прави чести жртви на осмоза, додека птиците се покриени со пердуви.

Човечката кожа е слична со таа на повеќето цицачи, најголемата разлика е тоа што таа не е покриена со крзно иако има слој од влакна. Поглавни функции на кожата се регулација на телесната температура, синтеза на витаминот D, екскреција итн. Оштетената кожа најчесто предизвикува белези, места на кожата кои се најчесто безбојни и непигментирани. Кожата се состои од три слоја: покожица, крзно и хиподермис.

Градба на кожа

Интегументарниот систем е составен од кожата и поткожниот слој што содржи градби кои се поинакви од оние во кожата. Кожата е изградена од два главни слоја: епидермис и дермис.

Епидермис

Епидермисот е површинскиот слој на кожата, од кој надворешните клетки постојано отпаѓаат со триње или сами од себе. Живите клетки се наоѓаат само во најдлабокиот слој - stratum germinativum, каде исхраната на клетките е овозможена низ капиларите во подолниот слој на дермисот. Клетките од овој слој постојано се делат и ги обновуваат клетките од горниот слој, бидејќи тие постојано умираат и се отстрануваат. Тие создаваат значително количество на белковинска материја, наречена кератин што служи за згустување и заштита на кожата. Најгорниот слој на клетките на епидермисот е наречен stratum corneum. Меѓу Stratum germanativum и stratum corneum има слој со многу згуснати влакна. Kлетките пак во најдолниот слој на епидермисот создаваат меланин, темен пигмент кој ја дава бојата на кожата. Овде е интересно да се спомене дека на кожата на одредени места како на: прстите на дланките, прстите на нозете и табаните постојат испупчување и вдлабнувања. Испапчувањата се користат како заштита, бидејќи тие се единствени и посебни кај секоја единка, отпечатоците од прстите од рацете и стапалата се одличен показател за идентификација. Испапчувањата и вдлабнатинките потекнуваат оид испапчувањата и вдлабнувањата во епидермисот и дермисот. Долната површина на епидермисот е точно обликувана да соодветствува на надворешниот слој на дермисот, кој, исто така, има свои испупчени вдлабнати делови.[4]

Дермис

Дермисот или вистинската кожа е составен, во основа, од сврзно ткиво, многу крвни садови, нервни завршоци и жлезди. На дермисот се надоврзуваат поткожните слоеви, составени од еластично и масно ткиво. Најголемите крвни садови кои ја снабдуваат кожата поминуваат низ поткожните слоеви. Некои од кожните творби, како потните жлезди и коренот на влакната, навлегуваат во поткожните слоеви. Поткожните ткива се богати со нерви и нервни завршоци.

Поткожни слоеви

Дермисот е тесно поврзан со поткожните слоеви, преку површинските мускули. Овој слој е изграден од еластично и фиброзно сврзливо ткиво како и масно (адипозно) ткиво. Покткожното масно ткиво служи и за изолација и како резервоар за енергија. Најголемите крвни садови што ја снабдуваат кожата со хранливи материи поминуваат низ поткожните слоеви. Kрвните садови што се наоѓаат таму се поврзани со терморегулирањето на организмот. Некои од кожните творби, како потните жлезди и коренот на влакната, се наоѓаат во поткожните слоеви. Поткожните ткива се богати со нерви и нервни завршоци, вклучени тука како дополнување на дермисот и епидермисот. Дебелината на поткожните слоеви е различна во различни делови на организмот, пти што најтенок е слојот на очните капаци, а најдебел на стомакот.[5]

Кожни творби

Потни жлезди

Потни жлезди (лат. glandulae sudoriferae), се клопчести цевчести структури сместени во дермисот и поткожно ткиво. Секоја жлезда има изливен канал што се отвора на површината на кожата со пора. Потните жлезди учествуваат во регулирањето на телесната температура преку испарувањето на потта од површината на телото. Потта е составена од вода и мало количество на минерални соли и органски материи. Потни жлезди има по целото тело кај човекот. На некои делови тие се погусто распоредени, како на главата, пазувите и стапалата. Секретот содржи клеточен материјал кој е разградуван од бактерии, при што се испушта одреден карактеристичен мирис. Потните жлезди се инервирани од автономниот нервен систем, според што нивната секреција може да биде и нервно регулирана. Има неколку видови жлезди, освен потните, што се поврзани со кожата, а се преобразени потни жлезди. Такви се церуменозни жлезди што се наоѓаат во ушниот канал што создаваат ушен восок или церумен, циларни жлезди на рабовите на очните капаци и млечни жлезди.[5]

Лојни жлезди

Лојни жлезди имаат изгледаат како кесичка, а нивниот секрет ја подмачкува кожата и влакната и ја штити од сушење. Каналите на лојните жлезди се отвораат во мевчињата на влакната.

Млечни жлезди

Кај животните од групата цицачи младенчињата се хранат со млеко кое се излачува од млечните жлезди или градите. Млечни жлезди постојат единствено кај цицачите, па поради нив тие и го добиле името. Нивниот секрет - млекото, е богато со сите потребни храnливи материи што во почетокот на животот на младенчињата им овозможува опстанок и побрзо напредување во најраниот период од нивниот развој.

Влакна и нокти

Целото тело на цицачите е прекриено со влакна кои површините ги прават многу меки и мазни. Нивната улога е заштитна. Коренот на влакната е сместен во поткожниот слој во торбичка која влакното го снабдува со крв. Ноктите се заштитни творби составени од цврста белковина. Ноктите на задните екстремитети на влекачите и птиците и кај предните и задните екстремитети кај повеќето цицачи се преобразени во канџи. Канџите им помагаат на овие животни при ловењето и раскинувањето на пленот. Новите клетки на ноктите постојано се создаваат во коренот на ноктот.

Копита

Кај некои цицачи, како коњите, зебрите, камилите, жирафите, антилопите, овците, козите и говедата, нозете завршуваат со копита. Тие се приспособување на овие животни за полесно бегање или за одбрана од напаѓачите. Токму поради ова свое приспособување овие животни сочинуваат посебна група цицачи наречена копитари. Нивните стапала се многу долги, а животните чекорат само на врвовите нивните прсти. Прстите што не допираат до подлогата се ситни или не постојат, а другите прсти се преобразени во копита.

Рогови

Роговите се творби на кожата коишто на животните им служат за заштита од напаѓачите или за борба меѓу мажјаците. Тие се коскени израстоци на черепот. Кај елените рогови имаат само мажјаците. Тие имаат посебен вид рогови кои во периодот на растење се обвиени со покожица во вид на сомот и можат да се разгрануваат, а еднаш годишно се заменуваат со нови рогови. Кај овците и говедата рогови имаат двата пола. Кај нив роговите не се разгрануваат, обвиени се со цврста кожа и не се заменуваат.

Функции на кожата

Иако кожата има неколку функции, три од нив се најважни:

  • Орожнатиот најнадворешен слој на кожата (лат. stratum corneum) го заштитува организмот од навлегувањето на патогени микроорганизми и исушување (дехидратација). Во него има суви и мртви клетки, создадени од кератин, кои образуваат затворена обвивка што е непропустлива за навлегувањето на туѓи тела и вода. Клетките на најнадворешниот слој постојано се заменуваат, со што условуваат механичко отстранување на патогените микроорганизми кои се залепени на нив. Функцијата на епидермисот да заштитува од исушување, е многу важна за животот, бидеќи ја обезбедуваат неопходната влажност на кожното ткиво.
  • Друга многу важна функција на кожата е нејзината улога во регулирањето на телесна температура, преку испуштањето на вишокот топлина и заштитата од студенило. Кожата е снабдена со голем број крвни садови и со тоа таа претставува голема површина преку која се испушта топлина од телото. Тоа се случува осовено кога крвните садови се проширени (вазодилатација) во услови на висока надворешна температура. Тогаш во нив има големо количество крв која е главниот пренесувач на топлината при што кожата е топла и има розова боја. Во таква состојба од неа се испушта големо количество топлина на надворешната средина. Спротивно од тоа, кога надворешната температура е ниска, крвните садови се собрани (вазоконстракција) при што протокот на крв е помал, а со тоа и испуштањето топлина во надворешната средина е намалено.
  • Бидејќи во дермисот на кожата се сместени голем број нервни завршетоци и други посебни рецептори како за болка, допир, притисок и температура, на кожата може да се гледа како на важен сетилен орган во организмот. Голем број рефлекси што му овозможуваат на човекот да се приспособи кон надворешната средина почнуваат како сетилни импулси токму од кожата. Патот на некои од нив е до мозокот и на крајот на ’рбетниот мозок.[6]

Кожата како главна обвивка на телото има и моќ за апсорпција и секреција. Тоа значи дека таа за многу материи е пропустлива препрека. Така, на пример, одредени масни материи постепено се апсорбираат преку кожата. Од друга страна, преку неа поточно, преку потните и лојните жлезди, се излачуваат многу штетни материи за организмот во надворешната средина. Кожата има способност за регенерација по повредите. Кожата што е повредена се надоместува со подеднакво растење на нов епидермис од клетките на ниво на фоликулите за влакната. Во текот на заздравувањето, од течниот гној и крвта, што можат да се најдат таму, се создава крастата (структурата) или коричката.[7]

Боја на кожата

Кожата е орган што се одликува со сопствена боја што може да упати на одредена состојба на организмот. Бојата на кожата зависи од низа фактори, вклучувајќи ги и следните:

  • Количеството на пигмент во епидермисот;
  • Количеството крв што циркулира во површинските крвни садови;
  • Составот на крвта што циркулира (присуство или отсуство на кислород, концентрација на хемоглобин, присуство на жолчни сребрени соединенија или други хемикалии).

Што ја дава бојата на кожата?

Тоа е пигментот меланин. Овој пигмент, исто така, се наоѓа и во влакната, во средината на очното јаболко, во ирисот на окото и во некои тумори. Меланинот е присутен кај луѓето од сите раси, но црнците го имаат во многу поголемо количество во своите ткива. Меланинот и помага на кожата во заштита од ултравиолетовите зраци на сонцето. Така кожата што е изложена на сонце покажува нормално зголемување на овој пигмент, поради што кожата потемнува.

Понекогаш има абнормално зголемување на количеството на меланин, обично за одредени делови на или под површината на телото. На пример, дифузно расфрланите дамки со пигментација може да се одлика на некои ендокрини болести.

Бојата на кожата може да се промени како последица на некои внатрешни нарушувања. На пример, жолтеникава боја на кожата може да биде последица на:

  • Притисок на туморот врз изливниот канал од жолчното ќесе или затнување на каналот, со што се спречува протокот на жолчката во тенкото црево.
  • Воспаление на црни дроб (хепатит или жолтица)
  • Некои болести на крвта при кои еритроцитите се распаѓаат многу брзо.

Друга причина за промена на жолтеникавата боја на кожата може да е обилното јадење моркови кои имаат каротини, или слично обоени растенија. Ваквата состојба е наречена каротинемија.[7]

Хроничните труења можат да ја изменат бојата на кожата во сива или кафеава. Необичната бронзена боја се јавува при Адисонова болест (оштетена функција на надбубрежните жлезди). Многу други болести предизвикуваат промена на бојата на кожата.

Дејството на повеќе надворешни фактори можат да предизвикаат оштетувања на кожата (рани). Тие можат да се појават на некои места или по целото тело. Таквите повреди можат да се придружени и со инфекции, па затоа е неопходно да се преземат одредени мерки за да се спречи влегувањето на патогени микроорганизми и токсини во внатрешните ткива или телесни течности.[8]

Грижа за кожата

Поради нејзината улога и место во организмот, многу е важно одржувањето на хигиената и негата на кожата. Правилната исхрана и соодветната циркулација се најважни за одржувањето на кожата. Правилното чистење, отстранувањето на нечистотиите и лекувањето на оштетените делови на кожата помагаат за одржување на слабо киселата состојба, која го спречува развојот на бактериите на кожата. Внимателното миење на рацете со сапун и вода, а особено деловите под ноктите, е многу важно бидејќи тоа се делови преку кои најлесно некои бактерии можат да навлезат во организмот.

Кожата треба правилно да се заштити и од преголемото изложување на сонце. Соодветната заштита пред и за време на оштетувањата од сонце може да го спречи или намали оштетувањето на кожата, а со тоа и промените што може да се случат, како што се брзото стареење и нацерозните промени.[9]

Болести на кожата

Дерматоза и дерматитис

Дерматозата (dermatosis), или дерматопатија е општ термин за кожните болести. Воспалението на кожата е познато како дерматитис (dermatitis). Тоа може да биде последица на многу видови надразнувачи, какви што се различни масла, детергенти, јаки киселини, бази или други хемикалии. Брзото отстранување на надразнувачите е многу успешен метод за заштита, а потоа и за лекување. Притоа основно средство во првите моменти е чистата вода.

Атопичен дерматитис

Атопичен дерматитис или егзема се одликува со интензивно кожно воспаление кое е придружено со јадеж. Оштетените делови имаат црвенило (еритема), плускавици или ранички од мозолки. Дерматитис може да предизвикаат и некои материи што потикнуваат алергиски реакции како што се: сапун, детергенти, храна и др.

Сончеви дамки

Сончевата светлина, исто така, може да предизвика хемиски и биолошки промени во кожата. Исто така, е докажано дека постојано изложување на сонце може да предизвика канцер на кожата.[9]

Акни

Акните се оштетувања на лојните жлезди кои се поврзани со фоликулите од влакната. Најопштиот вид е наречен acne vulgaris, кој најчесто се јавува кај луѓето на возраст од 14 до 25 години. Инфекцијата на лојните жлезди предизвикува создавање на мозолчиња, што се гледаат како црни дамки. Акните се најчеста појава кај адолесцентите, кога ендокрините жлезди во организмот што ја контролираат секрецијата на лојните жлезди се само делумно активни.

Алопеција (ќелавост)

Алопецијата, или ќелавоста, може да биде предизвикана од низа фактори. Најопштиот вид е наречен машка ќелавост, која зависи од наследните фактори и возраста, е поврзана со машки полови хормони. Алопецијата може да е резултат и на некои други заболувања, како што се неконтролиран дијабетес, тироидни болести или неисхранетост, при што контролата на лекувањето на болеста ќе резултира со повторно растење на косата.

Атлетско стапало

Најчеста причина за атлетско стапало се габите и тогаш тоа заболување е наречено epidermophytosis. Оваа болест најчесто ги зафаќа прстите на нозете и табаните, но повремено може да ги напаѓа и прстите на рацете и дланките како и регионите на препоните.[10]

Кожата како тема во уметноста и во популарната култура

  • „Кожа“ (англиски: Skin) — песна на канадската музичарка Grimes од 2011 година.[11]
  • „Да ја загубам оваа кожа“ (англиски: Lose this skin) - песна на англиската рок-група Клеш (The Clash) од 1980 година.[12]
  • „Совршена кожа“ (англиски: Perfect Skin) — песна на британската рок-група Lloyd Cole And The Commotions од 1984 година.[13]
  • „Ти си ми под кожата“ (англиски: I've Got You Under My Skin) - песна и албум на американската пејачка Нене Чери (Neneh Cherry) од 2010 година.[14]
  • „Кожа“ (англиски: Skin) - песна и албум на британската поп-пејачка Шаде (Sade) од 2010 година.[15]

Наводи

  1. „кожа“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. "Skin care" (analysis), Health-Cares.net, 2007, webpage: HCcare Архивирано на 12 декември 2007 г..
  3. Alibardi L. (2003). Adaptation to the land: The skin of reptiles in comparison to that of amphibians and endotherm amniotes. J Exp Zoolog B Mol Dev Evol. 298(1):12-41. PMID 12949767
  4. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.151
  5. 5,0 5,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.152
  6. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.153
  7. 7,0 7,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.154
  8. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.154/155
  9. 9,0 9,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.155
  10. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование - стр.156
  11. Discogs, Grimes (4) ‎– Visions (пристапено на 15.4.2021)
  12. DISCOGS, The Clash ‎– Sandinista! (пристапено на 10.6.2020)
  13. Lloyd Cole And The Commotions* – Rattlesnakes (пристапено на 1.3.2023)
  14. YouTube, Neneh Cherry - I've Got You Under My Skin [HQ Original Video] (пристапено на 19.1.2017)
  15. YouTube, Sade - Skin (пристапено на 19.1.2017)