Континентално подножје

Пресек на континенталната граница.

Континентално подножје — нискорелјефна зона на насобрани талози сместена помеѓу континенталната падина и абисалната рамнина.[1] Сочинува голем дел од континенталната граница и зафаќа околу 10 % од океанското дно.[1][2]

Образување

Оваа геолошка образба е производ на насложувањето на талози, претежно поради масовното движење, кое е надолно поместување на песок и други талози под дејство на Земјината тежа.[1] Масовното движење може да се одвива постепено, при што талозите се насобираат испрекинато или во големи нагли падови.[1] Големите падови се предизвикани од ненадејни настани како земјотреси или пркумерна стрмност на континенталната падина.[1] Попостепеното насобирање на талози се случува кога хемипелагиски талозите кои пловат во океанот бавно налегнуваат во океанската котлина.[1]

Падина

Бидејќи континенталното подножје лежи под континенталната падина и е создадено со таложење, тоа има многу благ наклон, обично 1:50 до 1:500.[1] Како што континенталното подножје се протега во морето, таложните слоеви стануваат потенки, а подножјето се спојува со абисалната рамнина, обично под наклон од 1:1000.[1]

Придружни образби

Наносни конуси

Насложувањето на талози во устието на подводните кањони may образуваат маси во облик на лепеза (наречени подводни конуси) на континенталната падина и континентално подножје.[2] Наносните или таложни конуси се плитки конусообразни релјефи при основата на континенталната падина кои се соединуваат, образувајќи го континенталното подножје.[2] Ерозивните подводни кањони се надолно устремени и водат до наносноконусни долини со сè поголема далбочина.[2] Во оваа зона талогот се насложува, образувајќи го континенталното подножје. Наносните конуси како Бенгалскиот, кој се протега 3.000 км, ги сочинуваат најголемите таложни образби во светот.[1] Многу наносни конуси исто така имаат лежишта на нафта и земен гас, поради што тие се клучни места за собирање на сеизмички податоци.[1]

Абисална рамнина

Понатаму од континенталното подножје се протега абисалната рамнина, која е сместена врз базалтна океанска кора и го опфаќа најголемиот дел од морското дно.[2] Во неа живеат организми посебно прилагодени за опстанок во вакви студени и темни услови под голем притисок.[1] Рамноста на абисалната рамнина е испрекината со масивни подводни планински венци близу тектонските граници на плочите.[2] Талозите се сочинети главно од тиња и глина.[1]

Поврзано

Наводи

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Mitchell, N. C. (2015), „Submarine Geomorphology☆“, Reference Module in Earth Systems and Environmental Sciences (англиски), Elsevier, ISBN 978-0-12-409548-9
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Patruno, Stefano; Helland-Hansen, William (2018). „Clinoforms and clinoform systems: Review and dynamic classification scheme for shorelines, subaqueous deltas, shelf edges and continental margins“. Earth-Science Reviews (англиски). 185: 202–233. Bibcode:2018ESRv..185..202P. doi:10.1016/j.earscirev.2018.05.016. hdl:1956/18533. ISSN 0012-8252.