Марди Симпсон Фиш (роден на 9 декември 1981 г.) е поранешен американски тенисер. Негово највисоко место на АТП листата било 7. место кое го достигнал во август 2011 година. Во двојки тој највиско се искачил на 14. место во јули 2009 година.
Во својата кариера, Фиш освоил шест АТП титули, а исто така четири пати бил финалист на АТП Мастерс турнирите. На Гренд слем турнирите, Фиш стигнал до четвртфиналната фаза на Отвореното првенство на Австралија 2007, Отвореното првенство на САД 2008 и на Вимблдон 2011. На Летните олимписки игри 2004, тој го освоил сребрениот медал откако во финалето загубил од Николас Масу. Во двојки, Фиш освоил осум АТП титули, од кои една Мастерс титула на Мастерсот во Индијан Велс во 2009 година, заедно со Енди Родик.
Во 2011 година, Фиш го престигнал сонародникот Енди Родик и станал американски бр. 1 на АТП листата, достигнувајќи го 7. место.[1] На крајот на сезоната тој играл на завршниот Мастерс во годината.
Тој се повлекол од тенисот на 33-годишна возраст по Отвореното првенство на САД 2015.[2][3]
Личен живот
Фиш се оженил со Стејси Гарднер, адвокатка од Калифорнија и модел од телевизиското шоу Се или ништо, во септември 2008 во Беверли Хилс. Тие направиле традиционална еврејска свадба бидејќи Гарднер е еврејка.[4][5] Кум на свадбата бил тенисерот Џејмс Блејк кој е негов добар пријател.[5] Тој исто така е добар пријател со Енди Родик и со Боб и Мајк Брајан.
Тој имал група на навивачи кои се нарекувале „The Fishheads“ кои патувале на турнирите заедно со него и навивале за него за време на натпреварите.[6] Тој е навивач на Минесота Викингс. Тој исто така е навивач на англискиот фудбалски клуб Евертон.
Стил на игра
Фиш бил специјалист за тврда подлога. Тој имал сличен стил на игра како неговиот сонародник Енди Родик. Негов најсилен удар бил севисот, кој често достигнувал брзина од преку 200 км/ч. Откако во 2010 година ослабел 15 килограми, тој почнал почесто да истрчува на мрежа и да игра подолги бодови, што му донело напредок во играта и пласман во најдобрите 10 играчи на АТП листата. Тој добро играл бекхенд и волеј-удари (кои му донеле предност во двојки). Негов послаб удар бил форхендот.