Петранка Костадинова

Петранка Костадинова
Родена 1948
Сомбор, НР Србија, ФНРЈ
Починала 3 февруари 2002(2002-02-03) (возр. 53–54)
Скопје, Македонија
Националност Македонка
Народност Македонка
Занимање пејачка

Петранка Костадинова Дојчиновска (1948, Сомбор3 февруари 2002, Скопје) ― една од најпознатите естрадни уметници-изведувачи на македонската народна и новокомпонирана песна.

Петранка Костадинова важи за една од најдобрите изведувачки на старите народни песни и не без причина го носела епитетот доајен на македонската народна музика. Многу песни се испеани во нејзината 35 години долга кариера, а во последно време Костадинова често настапувала на фестивали каде што бил негуван македонскиот фолклор.

Животопис

Родена е во Сомбор, НР Србија, како дете во семејство на бегалци од егејскиот дел на Македонија. Во нејзините детски години семејствот, прво се преселило во Демир Капија, а девојачките години ги поминала во Неготино. Песната ја донела во Скопје, каде што створила семејство и имала два сина. Таа ги испеала фолк рефрените "Не кажувај либе добра ноќ", "Кирјана", "Слушни ја сестро песната"...

За првпат, таа ги испеала песните на Наско Џорлев, "Не кажувај либе добра ноќ" и "Во Струмица на улица". Оттогаш, Петранка Костадинова во својот репертоар ги испеала речиси сите македонски народни песни, но како и секој вреден изведувач, има барем една песна што се врзува за неговата интерпретација. Нејзина песна беше "Кирјана", иако не помалку знаеше да ги растрепери срцата и со "Ја излези стара мајко", "Едно малој моме", "Трај душо трај"... Во својата триесетгодишна кариера, Петранка учествувала на речиси сите фестивали за новосоздадена песна, што биле создавани во Македонија, од кои ќе останат запаметени песните: "Леонид со мајка вечера" од првото "Валандово", "Мајсторе, мајсторе", "Две калинки", "Слушни ја сестро песната", "Мајка", дуетот со Ѓоко Дончев- "Името не го даваме", хумористичната песна испеана со Ленче Кукиќ- "Една куќа, две жени"... Во текот на својата богата пејачка кариера, нејзините песни биле дел од многу изданија на носачи на звук - аудио касети и ЦД-а.

Речиси сиот свој живот Петранка Костадинова била слободен уметник, иако својот живот го завршила како член на Ансамблот за народни песни и игри „Танец“.

На 3 февруари 2002 година, во приквечерината, познатата пејачка загинала во сообраќајна несреќа во средиштето на Скопје. Пред несреќата, таа била во МРТВ за да ја направи студиската снимка на песната што требало да ја изведува на престојниот фестивал "Гоце Фест". Таа било воедно и нејзината последна снимена песна.[1]

Наводи

  1. "Пежо 206" ја усмрти пејачката Петранка Костадинова“. Утрински Весник. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2011-12-19.