Рикеции

Рикеции
Rickettsia rickettsii
Научна класификација
Домен: Bacteria
Колено: Proteobacteria
Класа: Alphaproteobacteria
Ред: Rickettsiales
Семејство: Rickettsiaceae
Род: Rickettsia
da Rocha-Lima, 1916
Видови

Rickettsia felis
Rickettsia prowazekii
Rickettsia rickettsii
Rickettsia typhi
Rickettsia conorii
Rickettsia africae
Rickettsia akari
Rickettsia japonica
Rickettsia sibirica
Rickettsia australis
и др.

Рикециите се грамнегативни бактерии кои го образуваат родот Rickettsia. Тие се облигатни внатреклеточни паразити на членконогите, како што се вошките, болвите и крлежите, во кои не предизвикуваат заболувања. Сепак, рикециите може да се патогени за луѓето. Овие бактерии сè уште не се култивирани надвор од домаќински клетки. Тие обично се култивираат со засејување во жолчката од кокошкините јајца или со инфицирање на домаќински клетки во култура на ткиво.

Рикециите се откриени на крајот од првата декада на 20-от век од страна на американскиот медицински микробиолог Хоуард Тејлор Рикец, кој ја проучувал дамчестата треска од Карпестите Планини. Долго време се сметало дека овие организми се биолошки преодни форми меѓу вирусите и бактериите, но денес се сметаат за бактерии и се вклучени во систематиката на бактериите.

Одлики

Морфолигијата на рикециите може да биде кокоидна до стапчеста и филаментозна. Тие се мали, неподвижни, грамнегативни, широки 0,3-0,7 μm и 1-2 μm долги. Поседуваат клеточен ѕид, клеточна мембрана, РНК и ДНК и се плеоморфни. Се размножуваат со нормална бинарна делба со време на удвојување од околу 8 часа. Потсетуваат на вирусите по тоа што живеат ендопаразитски во нивните членконожни вектори каде се размножуваат во самите нивни клетки. Тие исто така се размножуваат и во клетките на инфицираните животни и луѓето. Навлегувањето на рикецијата во домаќинската клетка е активен процес за кој е потребно да се живи и клетката-домаќин, и паразитот и да се метаболички активни. Кога рикецијата се наоѓа во клетката-домаќин, таа обично се размножува во цитоплазмата. Потоа клетката се разложува (лизира) и рикециите се испуштаат во околната течност.

Рикециите не произведуваат спори и капсули и добро се бојат со гиемса и Цил-Нилсен боја. Тие се автономни организми и имаат капацитет да произведуваат своја сопствена енергија (ATP) преку оксидативна фосфорилација, со помош на систем од цитохроми.

Медицински поглед

  • Rickettsia prowazekii предизвикува тифусна треска;
  • Rickettsia mooseri — енемична треска;
  • Rickettsia tsutsugamushi — чешачка треска
  • Rickettsia rickettsii — дамчеста треска од Карпестите Планини.