Симеон Туманов
Симеон Туманов | |
---|---|
Држава | ![]() |
Род | |
Служба | 1965–1992 |
Чин | генерал-мајор |
Одликувања | ![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Симеон Туманов — воен генерал на Југословенската народна армија (ЈНА).
Животопис
Симеон Туманов е роден на 19 февруари 1943 година во струмичкото село Куклиш.
Воената кариера во ЈНА ја започнува во 1965 година по завршувањето на Воената академија на Копнената војска на ЈНА — насока пешадија — со офицерскиот чин потпоручник. Од 1965 до 1969 година е командир на вод. Во 1968 година е унапреден во чин поручник. Од 1969 до 1971 година е командир на чета. Во 1971 година е унапреден во чин капетан. Од 1971 до 1972 година е референт за безбедност во воен округ. Од 1972 до 1977 година е оперативец во контраразузнавачка група. Во 1973 година вонредно е унапреден во чин капетан 1. класа.
Во 1977 година ја завршува Командно-штабната академија на Копнената војска на ЈНА со темата „Откривање на тајни воени податоци во средствата за јавно информирање“. Истата година е унапреден во чин мајор. Од 1977 до 1980 година е началник за безбедност во 4. пешадиска дивизија. Од 1980 до 1985 година е помошник на началникот на одделението за безбедност во 7. армија. Во 1981 година предвремено е унапреден во чин потполковник. Од 1985 до 1988 година е началник на одделението за безбедност во 7. армија. Во 1986 година ја завршува Командно-штабната школа за оператика на Копнената војска на ЈНА со темата „Работа на органите за безбедност во услови на вонредна состојба и непосредна воена опасност“. Истата година е унапреден во чин полковник.
Од 1988 до 1991 година е началник на првото одделение на Управата за безбедност во Сојузниот секретаријат за народна одбрана (ССНО). Од 1991 до 1992 година е заменик-началник на Управата за безбедност во ССНО. Во 1991 година е унапреден во чин генерал-мајор. Генералскиот чин го брани со темата „Ангажирање на контраразузнавачки групи на Управата за безбедност на Сојузниот секретаријат за народна одбрана и оперативно-стратегиските групации во војна“. Во 1992 година три месеци е помошник на заменик-началникот на Генералштабот за соработка со мировните сили на Обединетите нации.
Одликувања
Орден за воени заслуги со сребрени мечеви
(1969)
Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда
(1974)
Орден за воени заслуги со златни мечеви
(1979)
Орден на трудот со златен венец
(1984)
Орден на Народната армија со златна ѕвезда
(1989)
Наводи
- Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 344–347.