Странична согласка (латерална согласка) — согласка каде воздухот при творбата тече по страните на јазикот, кој не му дава да оди по средината.
Најчесто врвот на јазикот се допира до горните заби (вид. забна согласка) или горното непце (венец) веднаш зад нив (вид. венечна согласка). Најзастапени странични согласки се приближните кои припаѓаат на класата на течни согласки, иако во некои делови од светот често се среќаваат струјни и слеани согласки од овој вид.
Уснените струјни согласки [fv] честопати (можеби и најчесто) имаат страничен воздушен тек, бидејќи усната го попречува текот по средината, но сепак не се сметаат за странични поради тоа што ниеден јазик не прави разлика помеѓу тие можности. Избувните согласки никогаш не се странични, а истата разлика е бесмислена кај носните согласки и согласките што се создаваат во грлото.