Црква „Св. Никола Летен“ - Маврово
- Ова е статија за старата мавровска црква. За други значења видете на појаснителната страница
Свети Никола Летен
| |
Поглед кон црквата целосно под вода | |
македонска православна црква | |
Епархија | Тетовско-гостиварска |
Архијерејско намесништво | Гостиварско |
Парохија | Мавровска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Маврово |
Општина | Маврово и Ростуше |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никола |
Изградба | 1850 |
Живопис | 1855 |
Зограф | Дичо Зограф |
Архитектонски опис |
Црква „Св. Никола Летен“ — Маврово — поранешна главна селска црква на селото Маврово, а која денес главно е потопена од водите на Мавровското Езеро.
Била изградена во 1850 година. Во 1953 година со изградбата на хидросистемот „Маврово“ и Мавровското Езеро, црквата се нашла под вода. Сепак, во поново време, со периодите на суши, црквата се наоѓа на суво и може да се посети.[1]
Иако главно е потопена во водите не езерото, црквата сè уште го има зачувано својот изглед. Самата градба и камбанаријата уште постојат, иако внатрешноста е главно уништена, а покривот е целосно паднат.
Црквата се нашла на врвот на списокот на напуштени цркви во светот од страна на списанието „Хафингтон пост“.[2][3]
Историја
Градба
Црквата била изградена од реканските мајстори во 1850 година. Во 1857 година била завршена, а се градела со мермер и гранит, имала мермерен олтар, вреден иконостас и икони од големиот мајстор Дичо Зограф.[1] Самите жители на селото Маврово имаат изјавено дека во изградбата се користел најквалитетниот камен и била изведена посебна техника т.н. „заб на заб“.[3]
Била изградена како трикорабна црква со петстрана апсида, кула камбанарија и иконостас.[4]
Фрескоживопис
Престолните икони биле насликани во 1855 година од видниот мајстор Дичо Зограф.[5][6] Подоцна на црквата работел и дебарскиот мајстор Мелетиј Божинов.
Потопување
Кон крајот на 1952 година, кога започнало да се создава Мавровското Езеро, иконите и другите црковни предмети биле пренесени во малата црква што се наоѓа наспроти потопената. При потопувањето бил заборавен дрвениот иконостас и иконите што ги изработил познатиот мијачки зограф, Дичо Зограф, како и книги и други црковни предмети. Сепак, подоцна биле извадени и конзервирани.
Црквата била потопена од езерото во 1953 година, но денес кога езерото е со намален капацитет (во летниот период), црквата е на суво и може дури и да се посети.
Нова црква
Во средината на 1990-тите години на XX век, во Маврово започнала да се гради новата црква „Св. Никола“, завршена во 2006 година.[7]
Пред да се изгради новата црква, имало идеја од страна на митрополитот Кирил, црквата целосно да се демонтира и да се постави над нивото на водата, но сепак се откажал од идејата и наместо тоа била изградена новата црква.[1]
План
Во изминатиов период повеќепати имало иницијатива за преместување на црквата или да остане на истата и да служи за намената. Бил претставен и проект за обнова и адаптација во современ културен центар од страна на фирмата „Театрикс“. Проектот предвидува околу црквата да се развива камена обвивка во две варијанти. Во првиот предложен модел, камената обвивка е скулптурно обликувана со стаклени продори, кои го задржуваат допирот со водата и отвораат визури кон околината. Во втората варијанта предвидена е камена обвивка, која е обликувана во вид на систем за подвижни ѕидови, кои во зависност од водостојот се регулираат по височина.[1]
Галерија
- Внатрешност
-
Внатрешноста на црквата
-
Внатрешноста на црквата
-
Поглед од внатре кон камбанаријата на црквата
-
Поглед од внатре кон камбанаријата на црквата
-
Влезот на црквата
- Надворешност
-
Поглед на црквата заедно со селото Маврово
-
Поглед на потопената црква, а во позадина селото Маврово
-
Поглед на црквата, кога е на суво
-
Црквата во зима
-
Поглед на камбанаријата на црквата
-
Поглед на црквата
-
Поглед на црквата под вода
Поврзано
- Гостиварско архијерејско намесништво
- Мавровска парохија
- Маврово
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Поповска, Невена (22 јуни 2014). „Потопената црква „Св. Никола" во Маврово е проколната убавина“. Република. Република. Архивирано од изворникот на 2014-06-28. Посетено на 10 март 2016.
- ↑ Хафиз, Јасмин (22 септември 2013). „Abandoned Churches Are Eerily Beautiful (PHOTOS)“. Хафингтон пост (англиски). ХПМГ Њус. Посетено на 10 март 2016.
- ↑ 3,0 3,1 „Потопената црква му одолева на времето“. Утрински весник. Скопје: МПМ Македонија. 24 септември 2013. Архивирано од изворникот на 2017-04-05. Посетено на 10 март 2016.
- ↑ „И животните вљубени во црквата „Св. Никола" во Маврово (ФОТОГАЛЕРИЈА)“. мкд.мк. мкд.мк. 16 јуни 2014. Архивирано од изворникот на 2017-04-05. Посетено на 10 март 2016. Text "МКД.мк" ignored (help)
- ↑ „ИКОНОПИСНОТО ТВОРЕШТВО НА ДИЧО ЗОГРАФ ВО СКОПЈЕ И СКОПСКИОТ РЕГИОН“. Списание Премин. МПЦ-ОА. 10 октомври 2008. Посетено на 10 март 2016.
- ↑ „Дичо Зограф - еден од најистакнатите македонски зографи“. Списание Премин. МПЦ-ОА. Посетено на 10 март 2016.
- ↑ „Осветена црквата „Св. Никола" во Маврово“. Повардарска епархија. 2008. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-11-20.
Надворешни врски
- Црква „Св. Никола Летен“ - Маврово на Ризницата ?