Врбица (Кочанско)

Врбица

Воздушен поглед на Врбица

Врбица во рамките на Македонија
Врбица
Местоположба на Врбица во Македонија
Врбица на карта

Координати 41°54′34″N 22°14′39″E / 41.90944°N 22.24417°E / 41.90944; 22.24417
Регион  Источен
Општина  Чешиново-Облешево
Област Кочанско Поле
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2333
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13007
Надм. вис. 430 м
Слава Спасовден
Врбица на општинската карта

Атарот на Врбица во рамките на општината
Врбица на Ризницата

Врбица — раселено село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во западниот дел на територијата на Општина Чешиново-Облешево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 430 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 19 километри.[2]

До селото води земјен пат, кој започнува од селото Соколарци, до кое води експресниот пат Штип-Кочани (А3).

Селото се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини, во близина на границата на Кочанската Котлина кон сливот на Злетовска Река. Во минатото, во селото имало три чешми со доволно питка вода: Горна, Средна и Долна.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голак, Чалдар, Илица, брестак, Средни Рид, Буна Ливада, Шипок, Змијарник, Страга, Куцулица, Растово, Голема Нива, Прчево, Бочва и Падина.[3]

Селото има збиен тип, поделено на две маала: во југозападниот дел на селото е Влашко Маало, а во североисточниот дел „Бугарско“ Маало. Во првото живееле Власи, а во второто Македонци.[3]

Историја

До 1875 година, селото било македонско, кога се населиле две влашки домаќинства од планината Грамос. Од нив се намножиле останатите влашки родови.[3]

Власите пред да дојдат во Врбица биле сточарски номади: летото со овците го поминувале на Осогово (на местото Лопен и Пониква), додека зиме живееле во околината на Солун. Бидејќи ова им било тешко, основачите на денешните родови Михаил и Штерјо одлучиле во Врбица да купат куќи нешто земја.[3]

Бидејќи Врбица се наоѓа во подножјето на Осогово, Власите и по населувањето во летниот период биле на Осогово. Така било до 1948 година.[3]

Во Влашкото Маало има црквиште, каде се познавале ѕидови до 1 метар во 1960 година, додека во маалото со македонско население има камен крст.[3]

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 11,5 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 650,8 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 479,3 хектари, додека на шумите само 20,8 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

За време на отоманскиот период, Турците ја поседувале земјата. Како последни чифликсајбии биле Зенул-бег, Аџи Амди-бег, Рушит-ефенди, Мустафа и уште некои други. Сите живееле во Кочани. Во втората половина на XIX век, на чифлиците работеле 10 македонски домаќинства.[3]

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948278—    
1953219−21.2%
1961213−2.7%
1971137−35.7%
198148−65.0%
ГодинаНас.±%
199120−58.3%
199419−5.0%
200212−36.8%
20210−100.0%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Врбица живееле 100 жители, сите Македонци.[4]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Врбица имало 1.042 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 90 Власи.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци и 100 Власи.[6]

Селото е мало, на пат целосно да се расели. Во 1961 година, селото броело 213 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 19 жители, од кои 13 биле Македонци, а шест жители Власи.[2]

Според пописот од 2002 година, селото имало 12 жители, од кои 10 Македонци и 2 Власи.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Врбица:

Година Македонци Турци Роми Власи Срби Ост. Вкупно
1948 278
1953 99 82 32 119 1 1 219
1961 117 0 0 0 96 213
1971 96 0 0 0 41 137
1981 38 0 0 10 0 0 48
1991 20 0 0 0 0 0 20
1994 13 0 0 6 0 0 19
2002 10 0 0 2 0 0 12
2021 0 0 0 0 0 0 0

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

Врбица е македонско-влашко село. Сите родови потекнуваат од предци кои се доселени во селото.[3]

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:

  • Македонски родови: Ѓајинци (3 к.) и Зрзовци (4 к.), најстар селски род. Не знаат од каде се доселени; Мартиновци (4 к.), доселени се во 1915 година од селото Гујновци кај Пробиштип и Бунешани (3 к.), доселени се во 1938 година од селото Бунеш кај Пробиштип.
  • Влашки родови: Брова (10 к.), доселени се во втората половина на XIX век. Овде дошле Штерјо и Зико. Биле браќа, го знаат следното родословие: Калчо (жив на 45 г. во 1960 година) Нако-Зико. Власи наречени Брова имало и во Грамошта во Егејска Македонија, па најверојатно од таму се доселени и Лука (7 к.), доселени се кога и родот Брова. Основачот на родот бил Михал Лука. Власи наречени Лука имало и во Крушевско и Битолско.

Иселеништво

Пред 1912 година, од Врбица некои Македонци се иселиле во Кочани и во Облешево (Врбичани, 1 к.). Има иселеници и во соседниот слив на Злетовска Река: селата Пишица и Жиганци.[3]

Во Врбица порано имало и православни Роми, кои се иселиле во низинското село Долни Подлог (Саздови, 2 к. и Стојанкини, 1 к.).[3]

Од влашкиот род Брова едно домаќинство заминало во Романија во 1938 година.[3]

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Врбица било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Чешиново.

Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Чешиново, во која покрај селото Врбица, се наоѓале и селата Жиганци, Лепопелци, Ново Селани, Соколарци и Чешиново. Селото повторно било дел од некогашната Општина Чешиново во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врбица, Жиганци, Лепопелци, Соколарци и Чешиново.

Избирачко место

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0879 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште во селото Соколарци.[8]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 105 гласачи.[9] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 707 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта[11]

Редовни настани

Слави[3]

Поврзано

Наводи

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 61. Посетено на 2 јануари 2025.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 90-92. OCLC 16745284.
  4. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
  5. Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јануари 2025.
  8. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  9. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 2 јануари 2025.
  11. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 175. ISBN 9989-649-28-6.

Надворешни врски