Заливот Халонг
Заливот Халонг (виетнамски: Vịnh Hạ Long) е популарна туристичка дестинација лоцирана на североисток од Виетнам во Јужното Кинеско Море. Заливот е вклучен во списокот на Светско наследство на УНЕСКО. Се наоѓа во пошироката област на Тонкинскиот залив и административно, островите и заливот и припаѓаат на виетнамската провинција Куанг Нин.
Заливот вклучува повеќе од 3.000 острови, островчиња, морски карпи и пештери. Површината на заливот е околу 1.500 km², а и надземниот и подводниот свет се карактеризираат со висок степен на биолошка разновидност.
Острови
Халонг значи „каде што змејот се спуштил во морето“. Според легендата, островите биле формирани од големиот змеј Халонг. Туанчау може да се смета за единствен трајно населен остров во заливот. Тука се наоѓала и резиденцијата на Хо Ши Мин. Во поново време се очекува на овој дел од островот изградба на поголем број одморалишта.
Катба е најголемиот остров во заливот Халонг. Во 1986 година половина од островот е била прогласен за национален парк. Островот има многу езера, водопади и пештери и крајбрежни корални гребени.
Клима
Климата е тропска и влажна, со две сезони: топли, влажни лета и студени, суви зими. Просечната температура е од 15°C до 25°C. Годишното количество на врнежи е околу 2000-2200 mm. Соленоста на водата во заливот е 31-34,5 ‰ во сушната сезона.
Околу 1.600 луѓе живеат во џунки, т.е. пловечки куќи во четири рибарски села: Киаван, Баханг, Конгтау и Вонгвенг.
Занимливости
Заливот Халонг бил наведен како дел од Светското наследство на УНЕСКО во 1994 година. Во Заливот биле снимени неколку играни филмови, од кои најпознат е Џејмс Бонд „Утре никогаш не умира“ ( англиски: Tomorrow Never Dies).
Галерија
-
Поглед на заливот од брод
-
Џунка (пловечка куќа)
-
Рибарско село
-
Карпести острови на заливот