Лав V Ерменец
Лав V | |
---|---|
Цар на Византија | |
Златен солид на Лав V, со неговиот син и помошник, Константин | |
На престол | 813 – 25 декември 820 |
Претходник | Михаил I Рангабе |
Наследник | Михаил II Амориецот |
Роден(а) | 775 |
Починал(а) | 25 декември 820 (возраст 45 г.) |
Придружник | Теодосија |
Деца | Константин Базил Григор Теодосиј |
Татко | Бардас |
Лав V Ерменец (грчки: Λέων Ε΄ ὁ Ἀρμένιος; ерменски: Լևոն Ե Հայ; 775 – 25 декември 820) — византиски цар кој владеел од 813 до 820 година. Како главен генерал, го приморал неговиот претходник, Михаил I Рангабе, да абдицира и да го преземе престолот. Ја завршила војната, која траела една деценија, со Бугарите и отпочнал втор период на византиско иконоборство. Бил убиен од поддржувачите на Михаил II Амориецот, еден од неговите најдоверливи генерали, кој го наследил на престолот.
Живот
Лав бил син на патрицијот Бардас, кој имал ерменско потекло (според подоцнежен извор, Лав имал исто така и асирско потекло[1]). Лав служел во 803 година кај бунтовничкиот генерал Барданес Туркос, кого го напуштил во корист на царот Никифор I. Царот го наградил Лав со два дворци, но подоцна го протерал за да се ожени со ќерката на уште еден бунтовник, патрицијот Арсабер. Од друга страна, современ извор[2] вели дека еден генерал Лав од темата Арменијакон бил казнет за неговиот понижувачки пораз од Арапите при што ги загубил и платите на неговите единици[3] (современ научник[4] навестува дека овој Лав не е истиот со царот). Казната исто така вклучувала намалување на неговиот воен чин, ќотек и кратење на косата.[5]
Поставен од Михаил I Рангабе во 811 година, Лав станал гувернер на темата Анадолија и се поставил добро во војната против Арапите во 812 година, поразувајќи ги нивните сили. Лав ја преживеал Битката кај Версиникија во 813 година со напуштање на борбата, но сепак зел предност од овој пораз да го примора да абдицира Михаил I Рангабе во негова корист на 11 јули 813 година. Во дипломатски потег, напиштал писмо[6] до патријархот Никифор I со цел да го убеди во неговото православие (Никифор очигледно бил уплашен од можно враќање на иконоборството). Еден месец подоцна, во текот на неговиот влез во дворецот, клекнал пред иконата на Исус Христос на портата Чалке.[7] Понатамошен чекор во спречување на идните узурпации било кастрирањето на синовите на Михаил.[8]
Откако Крум од Бугарија го блокирал Цариград од копно, Лав V наследил опасна состојба. Понудил да преговара директно со освојувачот и се обидел да го убие во заседа. Стратегијата пропаднала и иако Крум ја напуштил опсадата на главниот град, го освоил и го раселил Адријанопол и Аркадиуполис (Лулебургаз). Кога Крум умрел во пролетта 814 година, лав V ги поразил Бугарите во близина на Месембрија (Несебар) и двете држави склучиле 30-годишен мир во 815 година. Според некои извори,[9][10] Крум учествувал во битката и ја напуштил тешко повреден.
Со политиката на почитување на иконите на неговите претходните поврзувана со поразите од Бугарите и Арапите, Лав V ја обновил политиката на иконоборство откако го тргнал патријархот Никифор и свикал синод во Цариград во 815 година. Царот ја користел својата умерена политика на иконоборство за да ги одземе имотите на иконопочитувачите и манастирите, како на богатиот Студитски манастир, чиј влијателен свештеник, Теодор Студит, го протерал.
Лав V назначил спремни воени команданти од неговите другари во војската, вклучувајќи ги Михаил II Амориецот и Тома Славјанинот. Исто така ги бркал павличанците. Кога Лав го затворил Михаил поради навестување за заговор, Михаил организирал убивање на царот во дворската капела „Св. Стефан“ на Божиќ во 820 година. Лав бил присутен на службата, кога група убијци облечени како монаси наеднаш ги фрлиле нивните облеки и ги извадиле нивните оружја. Во придушеното светло го помешале свештеникот со царот и конфузијата му овозможила на Лав да дофати тежок крст од олтарот и да се одбрани. Ги повикал неговите стражари, но заговорниците ги забарикадирале вратите и за неколку минути удар на меч му ја повредила раката и паднал пред нив, каде неговото тело било искасапено во делови. Неговите остатоци биле фрлени во снегот и убијците побрзале кон ќелиите да го ослободат Михаил II. Сепак, Лав го скрил клучот и бидејќи било рано сабајле морале да чекаат за да најдат ковач, поради што Михаил бил забрзано крунисан како цар со железните опруги на неговите нозе. Семејството на Лав (вклучувајќи ја неговата мајка и неговата жена Теодосија) биле протерани во манастирите на Принцевските Острови. Неговите четворица синови (вклучувајќи го поранешниот негов помошник Симбат) биле кастрирани, процедура која била толку брутално спроведена поради што еден од нив починал во текот на „операцијата“.[11]
Иако изворите се силно против Лав (Теофан Континуат,[12] патријархот Никифор) го признале неговата спремност во справување со државните работи. За жал, како и сите иконоборски цареви, неговите дела и намери не можат лесно да бидат обновени поради екстремните предрасуди кон иконопочитувачките извори (не постојат ниеден зачуван иконоборски извор од било кој вид).
Семејство
Од неговата жена Теодосија, ќерка на патрицијот Арсабер, Лав V имал неколку деца, вклучувајќи ги:
- Константин Симбат, прогласен за негов помошник од 814 до 820 година.
- Базил
- Григор
- Теодосиј (п. 820 г.)
Наводи
- ↑ Теофан Континуат, 6. 4–5
- ↑ Теофан Исповедникот, Χρονογραφία (Chronicle), 489. 17–21
- ↑ Теофан Континуат, 11. 3–14
- ↑ David Turner, The Origins and Accession of Leo V (813–820), Jahrburch der Osterreichischen Byzantinistik, 40, 1990, pp. 179
- ↑ Scriptor Incertus, 336. 10–12
- ↑ Теофан Исповедникот, Χρονογραφία (Chronicle), 502. 19–22
- ↑ Теофан Континуат, 18. 19–21
- ↑ Scriptor Incertus, 341. 10–11
- ↑ Јован Скилица, Историски синопсис (Σύνοψις Ἱστοριῶν), 13. 47–49
- ↑ Јован Зонара, Извадоци на историјата (Επιτομή Ιστοριών), 381. 5–10
- ↑ Теофан Континуат, 40–41. 7
- ↑ Теофан Континуат, 30. 14–15
Извори
- The Oxford Dictionary of Byzantium, Oxford University Press, 1991.
- Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственост: Chisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: ref=harv (link)
Надворешни врски
- Лав V Ерменец на Ризницата ?
- Кованици на Лав V
Владејачки титули | ||
---|---|---|
Претходник Михаил I |
Византиски цар 813–820 со Константин Симбат (813–820) |
Наследник Михаил II |