Ислам
Дел од темата |
Верувања и обичаи |
Божје единство |
Главни дејци |
Мухамед |
Текстови и Закони |
Куран • Хадис • Шеријат |
Гранки на исламот |
Социополитички аспекти |
Академци • Филозофија |
Поврзано |
Исламски лексикон |
Исламот (арапски الإسلام, al-’islām; се изговара: ⓘ — значи: „потчинување“, „предавање“ или „покорување“ [кон Бога][1]) е монотеистичка религија која се вбројува во аврамските религии и е втора религија по распространетост во светот. Следбениците на оваа религија се нарекуваат муслимани[2] или мухамеданци[3]. Муслиманите веруваат дека Бог ја предал својата божествена реч во облик на откровенија преку разни пророци и дека Мухамед бил последниот Божји Пратеник. Исламот најдобро се дефинира според Куранот кој за муслиманите е безгрешна реч предадена од Алах на Мухамед. Според исламските научници исламот се дефинира како систем на закони и распореди за олеснување на човечкиот живот и прифаќање на Бог како создател.
Потекло на поимот
На арапски, зборот „ислам“ доаѓа од коренот со три букви Син-Лам-Мим (س-ل-م), кој значи „покорност; предавање; послушност; мир“. Зборот „ислам“ е вербален апстракт на овој корен, и буквално значи „покорност/послушност“ и се однесува на покорноста кон Алах (Бог).
Верување
Исламот како систем има пет битни елементи кои од исламската наука се нарекуваат Пет столба на исламот и тоа се:
- Шехадет („сведочење“) — основното начело на исламот се наоѓа во шехадетот („две сведоштва“; арапски: لا إله إلا الله محمد رسول الله, „нема друго божество достојно за обожување освен Алах, и Мухамед е Божјиот пратеник“). Шехадетот е клуч за да се биде дел од исламската вера, секој кој навистина верува во овие зборови се вбројува како муслиман. Меѓутоа, од практични причини за оние кои се преобратат од друга религија или од неверство го прифаќаат исламот мора да ги изрецитират овие зборови во присуство на две сведоци машки пол или едно машко и две од женскиот пол за да биде сметан за муслиман од страна на другите членови на оппштеството.
- Намаз („молитва“) — после првиот чекор на влегуваље во исламскиот систем нај битен составен елемент на веруваљето на еден муслиман е намазот (арапски: صلاة, турски: Namaz) кој задолжителен е за сите муслимани кои се полноленти и свесни (немаат психички недостатоци), задолжителен е и за оние кои имаат физички недостатоци, но тие имаат олеснувања одредени според Куранот.
- Пост (Исламски пост) — третиот Исламски столб е постењето (арапски: صوم) на месецот Рамазан (арапски: رمضان). За овој месец постењето е задолжително за сите муслимани полнолетни и за сите оние кои имаат здравствена можност. За оние кои немаат можност го дополнуваат по после или ако се стари го наместуваат со давање на сиромаси.
- Зеќат (арапски: زكوة, турски: Zekât) е четвртиот активен битен елемент на веруваљето, зекатот се поврзува со богатствотот на муслиманите. Сите муслимани кои имаат определено богатство (над основното за живот) се задолжуваат да делат дел (дел од 2,5% на крајот на годината) од своето богатство за сиромасите, делењето е во споредба со богатството што го имаат. Ако државата е организирана Исламска Држава тогаш зекатот го собира и го дели државата.
- Аџилакот е петтиот и последниот столб на Исламот и е задолжителен за сите муслимани кои имаат богатство до го посетуваат Каба во определеното време за молење за аџилак инаку ако се посетува во текот на друг дел од годината во исламот тоа се вика умра хаџ. Аџилакот не е задолжителен за оние кои немаат свое богатство. Во случај жената да има свое богатство а мажот да нема тогаш жената се задолжува а мажот не.
Бог
Основниот концепт на исламот е Божјето едноштво (тевхид). Овој монотеизам е апсолутен, а не релативен или плуралистички во ниедна смисла на зборот. Бог е опишан во Сурата (глава од Куранот) Ел-Ихлас, (глава 112) вака:
- Кажи: „Тој е Алах, Еден е! Алах е Заштитник секому. Не родил и роден не е, и никој не Му е рамен!“
Името Алах е сеопфатливо за другите 98 имиња прикажани во Кур'анот едно име е неоткриено од Бога. Во суштина едно име на Бог означува една особина за разлика од името Алах кое ги има сите особини и значења.
Името "Алах" нема множина или род, за разлика од зборот „Бог“ кој може да се стави во множина („Богови“) и во женски род „Божици“. Кај исламот Семоќниот „Алах“ по Куранот:
- „(е) Создател на небесата и Земјата! И од вас Он парови создаде и о ддобитокот парови создаде: За да ве множи, секако! Нему не Му е ништо слично. Он е Слушач и Гледач“ (42:11).
Имплицитната употреба на одредениот член во зборот Алах лингвистички назначува божествено едноштво. Муслиманите веруваат дека Богот кого го слават е истиот јудеохристијански бог, т.е. Аврамовиот бог. Меѓутоа, муслиманите не веруваат во христијанскиот концепт на Божјето тројство бидејќи за нив ова е елемент на политеизам. Цитат од Куранот сура Ен-Ниса(4) :171:
- „О следбеници на Книгата, не претерувајте во верата ваша, и за Алах само вистина зборувајте! Месих, Иса[4], синот на Мерјем, е пејгамбер[5] Алахов, Зборот Негов, кој Он го фрли во Мерјем[6], Дух од него. Епа верувајте во Алах и пејгамберите Негови, и не велете, „Троица“. Престанете, тоа е подобро за вас. Алах, навистина, е еден Бог. Нека е славен Он! Зарем Он да има дете? Сѐ што е на небесата и на Земјата е - Алахово. А Алах, секако, е Доволен Закрилник.“
Во исламот не се дозволени визуелни слики на Бог, зошто тоа може да доведе до идолопоклонство. Таквиот аниконизам може да се најде и кај јудеохристијанската теологија.
Куранот
Муслиманите веруваат дека Куранот е Божја Реч предадена на Мухамед преку Ангелот Габриел на многу наврати меѓу 610 до неговата смрт во 632 год. На Мухамед Куранот му бил објавен на делови (ајети) или неколку делови одеднаш како дел на една целина сура или како една сура во целина. После примањето тој ги соопштил неговите следбеници и заедно ги практикувале. Во тоа време Мухамед не наредил да се собере и да се пишува Куранот на едно место, но ги информирал следбениците за распоредот на деловите (како што се сега, бидејќи не е примено од страна на Мухамед хронолошки како што е денеска). Неговите следбеници ги запомниле овие откровенија и ги запишале на пергаменти, камења и листови. На ваков начин Куранот се чувал сè до време на калифот Ебу Бекр ес Сиддик, кога Куранот бил собран во една книга (Мусхаф). Во времето на калифот Осман ибн Афан, кога во време на војувањето биле изгубени голем број хафизи (луѓе што го знаат Кур'анот на памет и се зане ланецот од кој човек е учен сè до Мухамед, верлив ланец.), Куранот бил препишуван во шест нови копии.
Во Османовото собирање, сурите се организирани по должина (освен краткиот вовед во сурата Ел-Фатиха), со тоа што најдолгите сури се на почетокот на Куранот, а најкратките на крајот, како што Бог го одредил редот на сурите. Подоцнежните научници пробувале да ги наредат сурите по хронолошки редослед, и меѓу исламските коментатори постои генерален консензус во врска со тоа која сура била објавена во Мека, а која во Медина, со тоа што секоја група се одликува со свои одлики. Некои сури (како на пр. Ел-Алек) се смета дека биле откровени во разни места и во разни времиња.
За да се добие претстава за поимот „варијанти“ во рамките на примениот Курански текст, мора да се напомене дека во тоа време пишаниот арапски не бил сѐ уште доволно развиен. Куранот бил за првпат овековечен во пишана форма со писмата Хиџази, Машк, Маил и Куфик; во овие писма постоеле само согласки, а не самогласки. Заради разновидноста на усните традиции кај народите кои го прифатиле исламот, постоеле несогласувања за тоа како се читаат стиховите без согласки. Подоцна биле создадени писма со дијакритички знаци (познати како точки) за обележување на самосласките. Стотици години по Османовата рецензија, исламските научници се расправале за тоа како се чита Османовиот официјален текст (без точки). На крај се прифатени десет различни варијанти (кирает) на Куранот како канонски, со согласност дека нивните разлики се многу мали и не го менуваат значењето на текстот. Компатибилноста на Куранот на арапски јазик го акцентира законот според кој молитвата во намазот може да се кажат само оригинално на арапски, за разлика од другите вон намаски молитви.
Меѓу скептиците Куранот набрзо станал тема на расправија. Во 8 век едни велеле дека Куранот е создаден во рамките на времето и затоа не е вечен, додека тие што не се согласувале тврделе дека Куранот е вечен и совршен бидејќи постоел на небесата пред да му биде предаден на Мухамед. Сунитската теологија (која е основа во начинот на верување) сметала дека Куранот бил несоздаден.
Уште од почетокот на верата, муслиманите веруваат дека Куранот е совршен само ако е на арапски. Преводите се резултат на човечки труд и затоа, и на човечки грешки, а згора на тоа им недостасува онаа вдахновена поезија во оригиналот. Затоа преводите се само образложенија на Куранот, или „преводи на неговото значење“, но не самиот Куран. Многу современи печатени верзии на Куранот содржат арапски текст на едната, а друг јазик на другата страна.
Исламскиот концепт
Не постои религиозна власт
Во исламот не постои друга официјална власт, освен кадијата, која кажува кој е примен, а кој е исфрлен од верската заедница (Умет) („семејство“ или „народ“). Исламот е отворен за сите, без разлика на раса, возраст, пол или претходна вера. Доволно е да се верува во главните исламски верувања и по тоа да се делува. Ова формално се постигнува со рецитирање на сведоштвото шехадетот, кое треба да биде искрено и од срце. Без оваа изјава никој не може да стане муслиман. Доволно е човек да верува, да се декларира како муслиман и да се однесува на начин кој му прилега на еден муслиман за да биде профатен во исламската заедница.
Исламско право
Шеријат (арапски за „добро истапкана патека“) е исламско право според традиционалното исламско учење. Куранот претставува главниот извор за исламското право. Вториот извор е сунетот на Мухамед и раната исламска заедница. Сунетот само по себе не е текст како Куранот, но е извадена како анализа на хадисот (арапски за „извештај“), или запишаните усни традиции, кои се во база зборови и учења од Мухамед или содржат раскажувања за мислите и делата на Мухамед. Иџмата (конзенсус на исламската заедница) и кијасот (аналогно расудување) се третиот и четвртиот извор на шеријат.
Во неговите класични облици, исламското право ги опфаќа сите сфери на живеење, од управа и меѓународни односи, до секојдневниот живот. Исламските закони покриени од Куранот се нарекуваат худуд закони. Овие подразбираат забрана за убиство, вонбрачен секс, ѕемање-давање на камата, пиење на алкохол и комар. Куранот исто така содржи закони за наследство, брак, надомест за оштетувања и убиства, како и правила за постење, добротворност и молитва. Меѓутоа, препораките и забраните можат да бидат генерални, така што нивната практика е променлива. Исламските мислители и научници, улемата, имаат разработено законски ситем заснован на овие генерални правила, со додадени извештаи од хадисот за тоа како Мухамед и неговите придружници ги имаат толкувано. Видете Грев за понатамошна дискусија на тема гревови и нивното искупување според исламот.
Во денешно време, не сите муслимани го разбираат Куранот во арапски оригинал. Затоа, кога муслиманите не се согласуваат, се консултираат со муфтија (исламски судија) кој пружа совет на основа на шаријатот и хадисот.
Одметништво и богохулство
Локални исламски заедници можат да исклучуваат членови кои ги сметаат за одметници и богохулници. Во државите со исламски закон, одметништвото и богохулството се сметаат за сериозно кривични дела против државата и секокогаш се казнуваат со смрт.
Исламот со христианството и јудаизмот
Во Куранот постојат заповеди да се почитуваат сите други религии, но за време на војна, бара луѓето да се борат против и да ги покорат неверниците: „истерувајте ги отаде од каде тие ве истеруваат“ (Куран 2:191). Некои муслимани ги почитувале евреите и христијаните како сроднци, т.е. како „луѓе на Книгата“ (монотеисти, следбеници на аврамските религии), додека други ги презирале како отпадници од монотеизмот и расипници на сопствените свети книги. Во разни времиња и простори, исламските заедници биле и толерантни и нетолерантни.
Класичното исламско решение е ограничена толеранција — дозволување на евреите и христијаните приватно да ги практикуваат своите религии и дозволување на сопствен семеен закон. Тие биле нарекувани зимии, и имале помалку, но слични права и обврски од муслиманите. Според Светиот Куран (Сура 9:29), зимиите требаат да плаќаат посебен данок наречен Џизија, на нивните исламските владетели, како возврат за заштита, толеранција и неплаќањето на стандардниот муслимански данок.
Класичната исламска држава често била потолерантна од другите држави во тоа време, кои инсистирале на комплетно придржување до државната религија. Поведението на денешните исламски држави е од мешан карактер. Некои генерално се сметаат за толерантни, додека други биле обвинети за нетолеранција и кршење на човекови права. Видете ја главната статија, Ислам и другите религии, за понатамошна елаборација на оваа проблематика.
Исламскиот календар
Исламските датуми почнуваат со Хиџра, или преселбата од Мека во Медина. Ова е 1 година по исламскиот календар која одговара на 622. Месечевиот календар се разликува од другите такви календари (како на пр. келтскиот календар) по тоа што ги нема престапните месеци со тоа што е синхронизиран само со лунациите, но не и со сончевата година и со тоа резултира во години со 354 или 355 дена. Затоа, исламските датуми не можат да се претвораат во вообичаните п.н.е/н.е датуми со едноставно додавање на 622 години. Исламските празници не паѓаат фиксирани датуми од месечевиот каландар, што се разни годишни времиња и датуми во грегоријанскиот календар.
Исламски школи
Иџмата како највисока и доверлива исламска институција за донесување одлуки ги прифаќа четири школи како следбенички на објавениот Ислам во времето на Мухамед. Овие школи се разликуваат меѓусебно само во некои точки на толкување, од друга страна за веќината и битните елементи на Куранот потполно се согласуваат.
Овие школи се: ханефи, малики, ханбели и шафи сите други организации и школи се неприфатливи и се сметаат за девијации.
Историја
Современата исламска историја започнува во Арабија во 7 век со појавувањето на пророкот Мухамед. Сто години по неговата смрт, исламската држава се простирала од Атлантскиот Океан на запад до Средна Азија на исток, но која исто така била разгорена со граѓански војни (фитни). Од тогаш, па натаму се јавуваат династии-соперници кои тврдат дека тие се заслужни за калифатот, или водството на муслиманскиот свет, со тоа по многу исламки држави само симболично се покорни на онемоштениот калиф.
Меѓутоа, подоцнежните империи на Абасидските калифи и Турците-селџуци биле меѓу најголемите и најсилните во светот. По катастрофалниот пораз на византијците во Битката кај Малазгирт во 1071, христијанските држави во Европа повеле серија на крстоносни војни и привремено го зазеле Ерусалим. Меѓутоа Саладин го повратил единството и ги поразил шиитските Фатмидии.
Од 14 век до 17 век, една од најважните муслимански територии била Малската империја, со престолнина во Тимбукту.
Во XVIII век постоеле три големи муслимански империи: отоманската империја во Турција, Средниот Исток и средоземјето; Сефевидското Царство во Иран; и Могулското Царство во Индија. Веќе во XIX век, трите држави потпаднале под политичките и економски притисоци на европските магнати. По Првата светска војна, остатоците од Отоманското Царство биле распарчени како европски протекторати или зони на интерес. Исламот и исламската политичка власт оживеала во XX век. Меѓутоа, односите помеѓу исламскиот свет и западот останале влошени.
Современиот ислам
Иако денес како исламско движење се претставува фундаменталниот исламизам, постојат многу либерални движења во Исламот, кои бараат алтернативни начини како исламски одговор на современите проблеми.
Еден предлог е класичните исламски закони да се адаптираат на современите прилики. Ова движење не сака да ги менува базите на исламот, туку само да најде начин за спречување на погрешни толкувања и злодела во име на религијата.
Демографија на исламот денес
Исламот по земји | Демографија на исламот
Проценките за бројот на исламското население во светот се движат од 900 милиони до 1.4 милијарди (cf. Adherents.com Архивирано на 26 декември 2018 г.)
Само 18% од муслиманите во светот живеат во арапскиот свет; 20% се наоѓаат цо Потсахарска Африка, околу 30% во јужноазиските региони како Пакистан, Индија and Бангладеш и Индонезија. Исто така постојат значителни муслимански заедници во Кина, Европа, Америка, Средна Азија и Русија.
Франција го има најголемиот процент на муслиманско население во Европа, со 6 милиони муслимани (10% од вкупното население) [1] Архивирано на 15 март 2006 г.). Албанија има пропорцијално најбројно муслиманско население во Европа (70%), иако оваа бројка е само проценка (видете Исламот во Албанија). Бројот на муслимани во Северна Америка е проценет на меѓу 1.8 и 7 милиони. Во Македонија има околу 33.3% муслимани од вкупното население од 2,050,554 жители.(извор на информации Архивирано на 21 септември 2008 г.)
Симболи на исламот
Муслиманите не признаваат никаква икона или боја како света во исламот, бидејќи возвишувањето на симболички или материјални нешта е спротивно на монотеизмот. Многу луѓе ги сметаат ѕвездата и полумесечината за симбол на исламот, но ова се всушност обележја на Отоманското Царство, а не на исламот во целина. Зелената боја исто така се смета за исламска; ова е обичај и не е препорачан од теолозите. Меѓутоа, муслиманите често користат раскошно калиграфирани стихови од Куранот и силики од кабата како декорација за џамиите, домовите и јавните места. Се верува дека куранските стихови се свети аји не за користење како декорација или симбол.
Библиографија
- Кур'ан со превод, Превод на македонски/торбешки: Хасан Џило, Комплексот "Мелик Фахд" за печатење на Кур'анот, Медина, КСА, 1418 Х (1997)
Наводи и фусноти
- ↑ „МакИслам, дефиниција на поимот „Ислам"“. Архивирано од изворникот на 2008-09-23. Посетено на 2008-03-09.
- ↑ „муслиман“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „мухамеданец“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Исус
- ↑ Пророк
- ↑ Дева Марија
Извори
- Исламска енциклопедија
- Arberry, A. J. The Koran Interpreted: a translation by A. J. Arberry. Touchstone, ISBN 0-684-82507-4
- Kramer, Martin. The Islamism Debate. University Press, (1997) ISBN 965-224-024-9
- Kurzman, Charles. Liberal Islam: A Sourcebook. Oxford University Press, (1998) ISBN 0-19-511622-4
- Rahman, Fazlur. Islam. University of Chicago Press; 2nd edition, (1979) ISBN 0-226-70281-2
- Safi, Omid. Progressive Muslims: On Justice, Gender and Pluralism. Oneworld Publications, (2003) ISBN 1-85168-316-X
- Tibi, Bassam. The Challenge of Fundamentalism: Political Islam and the New World Disorder. Univ. of California Press, (1998) ISBN 0-520-08868-9
Надворешни врски
- МакИслам Архивирано на 23 септември 2008 г. (македонски)
- Исламски Центар - Исламски Да‘ветски сервис Архивирано на 14 октомври 2008 г. (македонски)
|