Исак II Ангел

Исак II Ангел
Ισαάκιος Β’ Άγγελος
Цар на Источното Римско Царство
Царот Исак II Ангел
Византиски цар
На престол1185 – 1195
1203 - 1204
ПретходникАндроник I Комнин
НаследникАлексиј III Ангел
Роден(а)септември 1156
Починал(а)јануари 1204
(возраст: 47)
Сопружник?Ирина
Маргарета Унгарска
ДецаЕфросина Ангелина
Ирина Ангелина
Алексиј IV Ангел
Јован Ангел
Мануил Ангел
ДинастијаАнгели
ТаткоАндроник Дука Ангел
МајкаЕфросина Кастамоница

Исак II Ангел (грчки: Ισαάκιος Β’ Άγγελος, септември 1156 - јануари 1204) бил византиски цар од династијата Ангели кој владеел од 1185 до 1195, и повторно од 1203 до 1204 година.

Неговиот татко Андроник Дука Ангел бил војсководец во Мала Азија кој се оженил со Ефросина Кастамоница. Андроник Дука Ангел бил син на Константин Ангел и Теодора Комнина, најмладата ќерка на царот Алексиј I Комнин и Ирина Дукина. Така Исак бил член на проширениот царски клан на Комнини.

Потекло

Ангели не и припаѓале на старата византиска аристократија. Просперитетот на тоа непознато филаделфиско семејство почнал кога најмладата ќерка на царот Алексиј I, Теодора, се омажила за убавиот Константин Ангел. Оттогаш како роднини на царот заземале високи позиции на дворот, а особено се истакнувале во времето на Мануил I. При владеењето на Андроник I, тие веќе биле во првите редови на византиската аристократска опозиција. Случката сакала победата на благородништвото на престолот да доведе претставник на нивниот род.[1]

Владеење

Општи одлики

Аисак II Ангел, внукот на Константин Ангел и принцезата Теодора, во се бил спротивен на силниот и самоволен Андроник. Додека Андроник I со енергични и насилни мерки му се спротивставувал на несреќниот развој на настаните, Исак II допуштил се да се одвива според својот тек. Старите болести на византиската држава, прекриени во времето на големите Комнини со надворешниот блесок на нивната моќ, сега избиле на површина откривајќи ја длабоката гнилост на византискиот државен организам. Никој повеќе не се обидувал да им застане на пат на злоупотребите во централната и провинциската управа. Продавањето на позициите, подмитувањето на чиновниците, уценувањата на собирачите на данок станале секојдневна појава. За царот Исак II се говорело дека ги продавал чиновничките должности како зеленчук на пазар. За прославувањето на свадбата на царот биле собирани посебни давачки по провинциите. Царот како да сметал дека Царството, коешто судбината му го подарила, е негово наследство.[2]

Постојната норманска инвазија

Вистинска среќа било тоа што стравот од норманската наезда, којшто го забрзал Андрониковото паѓање, се покажал преувеличен. Оддавајќи му се на грабежот, норманската војска ја загубила својата моќ, а епидемиите многу ги проредиле нејзините редови. Способниот војсководец Алексиј Врана успеал да го порази непријателот во две битки, кај Мосинополе и кај Димитрица (ноември 1185 г.). Норманите го напуштиле Солун, подоцна и Драч и Крф. Само Кефалонија и Закинтос биле конечно загубени за Византија бидејќи паднале под власта на западните сили.[3]

Брачни врски со Унгарија

Со другиот непријател што го загрозувал Византиското царство, унгарскиот крал Бела III, Исак Ангел склучил мир и се оженил со неговата десетгодишна ќерка Маргарета.[3]

Ситуацијата на Балканот

Веќе кон крајот на 1185 г. во Бугарија избувнало големо востание под водство на браќата Петар (Теодор) и Асен. Влијанието на централната византиска власт во бугарското подрачје опаднала, како и во други краишта, па и таму се појавиле сепаратистички стремежи, коишто дотогаш на многу страни се пројавувале во вид на територијални барања на локалните бољари. Петар и Асен побарале од византиската влада да им даде некои земји како пронија. Острото и охоло одбивање на ова барање на настаните им дало неочекуван и нагол пресврт. Озлобените водачи на Бугарија кренале во напатената и од даноци преоптоварената земја, востание кое на крајот довело до целосно одвојување на бугарските области од Византија и до создавање на Второто Бугарско Царство.[4]

Во солунската област се населиле многу Евреи и Ерменци, во дунавското подрачје престојувале Куманите и Печенезите, многубројните Власи се ширеле во дунавските покраини, во Македонија и Тесалија којашто била наречена Голема Влашка. Во движењето на Петар и Асен, Куманите, а особено Власите имале голем удел. Внатрешните заплети ја влошувале и без тоа тешката положба на Византија. Испратен против бунтовнците, Алексиј Врана, победникот над Норманите, во Едрене се прогласил за цар и се свртел против владата на Исак II Ангел. Меѓутоа, узурпаторот загинал во борбите пред Цариград и во летото 1186 г. царот Исак влегол на чело на својата војска во Бугарија. Во борбата против бугарските востаници Исак II покажал мошне голема енергија. Без сомнение, тој не бил никаков државник, но не бил ни толку неспособен како што обично го прикажувале. Колку и да биле незавидни приликите во тогашна Византија, текот на норманската и бугарската борба секако докажува дека во времето на Исак II византиската држава во воен период не била толку немоќна како во времето на Андроник Комнин.[5]

Востаниците биле разбркани, а Петар и Асен пребегнале преку Дунав. Меѓутоа, наскоро тие се вратиле со силни кумански одреди и борбата одново се разгорела. Во октомври 1186 г. Исак II тргнал во пресрет на непријателот, но овојпат неговата положба била многу потешка и дури по жестоката борба и големи загуби тој успеал да ја одбие бугарско-куманската војска. Во пролетта 1187 г. царот презел нов поход во областа Сердика, но и овојпат одлучувачкиот успех изостанал. Византија не била во состојба да се впушта во подолги војувања. На сите страни се јавувале нови тешкотии. Големиот жупан Стефан Немања ги потпомагал Бугарите и ја искористил византиско-бугарската војна за сметка на Византија. Востание избувнало и во Мала Азија. Исак II се откажал од борбата во Бугарија и ја прифатил спогодбата со бунтовниците, коишто како заложник му го испратиле Калојан, помладиот брат на Петар и Асен.[6]

Преминот на западните владетели во Палестина

Божјиот гроб одново паднал под власта на неверниците. Откако ја приширил својата власт над Сирија, Саладин во 1187 г. упаднал во Палестина, кај Хатин им нанел на Латините тежок пораз, го заробил ерусалимскиот крал Гвидо Лузињан и на 2 октомври влегол во Ерусалим. Овој настан и дал поттик на новата крстоносна војна, во која учествувале најугледните западни владетели: германскиот цар Фридрих I Барбароса, францускиот крал Филип II Август и англискиот крал Ричард Лавовско срце. Веќе во летото 1189 г. Фридрих Барбароса преку Унгарија стигнал на Балканот. Фридрих се обидел да се спогоди со византискиот цар. Уште во есента 1188 г. во Нирнберг бил склучен договор за премин на германската крстоносна војска низ византиските земји. Но сомнежите на Византијците не биле отстранети, уште повеќе што Барбароса не водел преговори само со Византија, туку и со нејзините непријатели низ чиишто земји водел неговиот пат, со Србите и со иконискиот султан.[7]

Непријатно за Византијците, доаѓањето на Барбароса им било добредојдено на балканските земји. Неизбежната затегнатост меѓу Византија и германскиот цар можела само да им користи на балканските држави. Србите не можеле повеќе да се потпираат врз Унгарија, бидејќи Унгарија се договорила со Византија. Сега Немања побарал поддршка од моќниот германски цар, а истото го направиле и Бугарите. Немања, во придружба на својот брат Страцимир, го дочекал Фридрих Барбароса во Ниш со големи почести. Германскиот цар водел преговори со српскиот голем жупан како и со бугарските пратеници. Србите и Бугарите му понудиле вазална заклетва и сојуз против Византија.[8]

Во Цариград овие преговори предизвикале, сосем природно, голема непријатност. Византиската влада му се приклонила на Саладин, најголемиот непријател на крстоносците. Обновен бил договорот склучен во времето на Андроник I и византискиот цар се обврзал дека нема да ја пропушти германската војска низ својата земја. Односите меѓу Византија и германскиот цар се заостриле до крајната мерка. Фридрих го освоил Пловдив како да се работело за град во непријателска земја. Уследила жолчна преписка во која немало поштеда од прекорувања и навреди. Дошло до таму што Барбароса решил да ја совлада Византија со оружена сила. Откако го запоседнал и Едрене, каде што повторно се состанал со српските и бугарските пратеници, тој ја упатил својата војска против Цариград, а на својот син Хенрик му наредил со флотата да дојде пред Цариград. Тогаш Исак II попуштил. Во февруари 1190 г. во Едрене бил склучен договор. Византија ги задоволила своите барања на својот надмоќен противник, му отстапила бродови за префрлање на трупите во Мала Азија, му дала угледни заложници и ветила дека неговата војска ќе ја снабдува со намирници. Во пролетта 1190 г. Фридрих Барбароса преминал во Мала Азија, но неговиот поход завршил со несреќен случај. При преминот на една река тој се удавил.[9]

Експедицијата на англискиот и францускиот крал, коишто тргнале за Палестина по море, не ја погодувале сферата на интерес на Византија. Впрочем и нивниот потфат останал без успех. Според договорот за мир од 1192 г., Саладин го задржал Ерусалим, а власта на Латините била ограничена на тесното подрачје меѓу Јафа и Тир. Само еден спореден настан во Ричардовиот поход ја погодил Византија непосредно. На патот за Палестина англискиот крал го освоил Кипар, го заробил неговиот владетел Исак Комнин и островот им го предал на Јованистите, а потоа (1192 г.) на бившиот ерусалимски крал Гвидо Лузињан. Од тогаш Кипар останал под власта на Латините.[10]

Повторните дејствувања против Србија и Бугарија и негово симнување од престолот

По заминувањето и гибелта на Фридрих Барбароса, Византија одново добила слобода на движење на Балканот. не губејќи време Исак II тргнал против Бугарите коишто навлегле во Тракија и против Србите, коишто, искористувајќи го судирот на Византија со Барбароса, ги освоиле и разрушиле Призрен, Скопје и низа други византиски градови во областа на Струма. Есента во 1190 г. Немања не издржал во Битката на Морава и морал да склучи мир. Тој на Византија и ги вратил териториите освоени во текот на последните години, но ги задржал своите поранешни освојувања. Со склучувањето формален договор за мир Византија изречно ја признала самостојноста на српската држава. Меѓу византискиот и српскиот владетелски дом биле воспоставени и брачни врски. Стефан, синот на Немања бил оженет со царевата внука Евдокија и добил титула севастократор. Бракот со византиската принцеза и доделувањето на титулата севастократор значело високо одличување. Меѓутоа, со вклучувањето на српскиот престолонаследник во хиерархијата на вишите византиски достоинственици воедно била нагласена и идеалната надмоќ на византискиот василевс-автократор.[11]

Со помала среќа поминал Византија во војната против Бугарите. Големиот поход од 1190 г. завршил со тежок пораз. Византијците продреле до самото Трново, но опсадата на бугарската престолнина била неуспешна. Нивната војска при повлекувањето била поразена во балканските клисури, така што и самиот цар одвај ја избегнал смртта. Ни натамошните обиди за сузбивање на бугарскиот притисок не вродиле плод. Напротив, во 1194 г. Византијците претрпеле нов пораз кај Аркадиополе. Исак II му се обратил за помош на својот тест Бела III, обновувајќи ги врските со унгарскиот кралски двор коишто биле поматени по упаѓањето на Унгарите во Србија (околу 1192/93 г.). Сметајќи на унгарската поддршка Исак II на чело на силна војска тргнал во нов поход против Бугарите, но на 8 април 1195 г. неговиот постар брат Алексиј III го симнал од престолот и наредил да го ослепат.[12]

Повторно качување на престолот и детронирање

За време на Четвртата крстоносна војна, на 17 јули 1203 г. Цариград паднал во рацете на крстоносците. Кутриот цар Алексиј III побегнал однесувајќи го со себе државното богатство. Слепиот Исак II повторно бил кренат на престолот, а како совладетел царска круна добил и неговиот син Алексиј IV, штитеникот на крстоносците. Византиската влада во Цариград сè уште постоела, но таа целосно била зависна од милоста на Венецијанците и крстоносците, кои залогориле пред градските ѕидини. Оваа милост не траела долго, зошто набрзо се покажало дека Алексиј IV не бил во состојба да ги исполни ветувањата дадени во Задар и на Крф. Сега тој се нашол меѓу два огна. Крстоносците и Венецијанците ги барале ветените пари одбивајќи ги сите молби за одлагање, а византиското население се бунтувало против царот којшто во земјата ги донел крстоносците и им се потчинил себеси и својот народ на Латините. Кон крајот на јануари 1204 г. во Цариград избувнал бунт. Алексиј IV не само својата скапо платена крна туку и главата, а неговиот татко бил ставен ставен во затвор каде што наскоро и умрел.[13]

Наводи

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 481-482.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 482.
  3. 3,0 3,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 483.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 484.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 484-486.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 484-487.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 487-488.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 488.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 488-489.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 489.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 489-490.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 490-491.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 500-501.