Претколумбовска Америка

Главни културолошки групи во пред-колумбиска Америка.
северноамериканци
  арктички
  северозападни
  аридоамериканци
  мезоамериканци
  средни
  карипски
јужноамериканци
  амазонски
  андски

Претколумбовска Америка или претколумбовски период — заеднички поим за неколку археолошки и историски периоди на Америка пред доаѓањето на европските колонизатори и доселеници. Иако овој период технички е именуван со доаѓањето на Кристофер Колумбо во 1492 и 1504 година во Америка, овој период всушност ја опфаќа историјата на староседелските американски народи во Јужна Америка, Средна Америка и Северна Америка сè до окупирањето на териториите од европските империи, па и понатака.

Доста често овој термин се користи да се посочат староседелските цивилизации во Америка како на пример народите Олтеци, Толтеци, Теотихуакано, Запотеци, Миштеци, Ацтеки, Маи, Инки, Моче, Чивча или Кањарис.

Голем број на претколумбовски цивилизации оставиле силни белези на територијата каде живееле преку градење на големи населби, развиена архитектура, земјоделство, писменост и уметност. Прилично добар процент од културното наследство на староседелските народи денес е уништено како резултат на европското населување на Америка во 15 век и 16 век и истражувачите црпат значајни информации преку археолошките остатоци, записи или малиот број зачувани кодекси. Додатно на тоа ако се земе и фактот дека голем број од цивилизациите немале пишан јазик, истражувањата за овој период се уште повеќе отежнати. Некои од цивилизациите имале свое писмо со кое го запишувале јазикот, како на пример Маите. Огромен процент од записите на староседелците биле уништени од колонизаторите сметајќи ги како еретички.

Според европските и староседелските записи, американските цивилизации имале доста развиени култури и општества, како и културни и технолошки достигнувања. Така на пример, Ацтеките го изградиле еден од најимперисвните градови во светот - Теночтитлан кој имал население од 200.000 жители. Како главни елементи во староседелската американска наука биле сметани математиката и астрономијата, а главна стопанска дејност земјоделството.

Денес, иако не се сосема исти како тогашните староамерикански народи, постојат директни потомци на голем број од овие цивилизавции. Значајно за потомците е тоа што и денес ги зачувуваат своите оригинални и стари традиции, верувања и обичаи со што се чува жив духот на претколумбовска Америка.

Мезоамерика

Атлантите во Тула, Мексико

Мезоамерика, во овој случај, е регион кој се протега од централно Мексико до северозападните граници на Костарика каде се воздигнале развиени земјоделски цивилизации кои опстојувале околу 3.000 години пред доаѓањето на европските доселеници. Поимот мезоамерика е придавка која се употребува за да се означат група на претколумбовски цивилизации, вклучувајќи ги нивните јазици, култури, уметности, религии и митологии.

Помеѓу 1800 и 300 година п.н.е. започнале да се развиваат посложени култури на тлото на Мезоамерика. Некои од нив прераснале во високо развиени и силни цивилизации како што се Олмеците, Теотихуаканите, Маите, Запотеците, Миштеците, Хуастеците, Тарасканите, Толтеците или Ацтеките.

Овие цивилизации својот културен подем и развој го забележале со градење на грандиозни пирамиди, храмови, но и со развојот на астрономијата, математиката, медицината, писменоста, уметноста, земјоделството, религијата и секако календарите.

Јужна Америка

Мачу Пикчу.

Во првиот милениум, големите пространства, шуми, висорамнини и брегови биле дом на десетици милиони жители. Некои од старите народи создале постојани населени места, како што се етничките групи Чибчаси, Валдивија и Таирона. Чибчасите во Колумбија, Валдивија во Еквадор, Кечуаните во Перу и Ајмарите во Боливија биле најголемите и најзначајните големи етнички заедници и култури во Јужна Америка.

Карактеристично за овој регион е тоа што староседелците во Јужна Америка остварувале трговски и културни врски со полинезиските народи во Океанија. Оваа теорија е поддржана со поголем број докази, но црвста определба на научниците и истражувачите сè уште нема во однос на таа теорија. Како и да е, во Океанија се забележале растенија кои биле типични за Јужна Америка, како на пример компир и различни видови дрва.

Користена литература

Надворешни врски